Извор:Сител ТВ.
По бугарските и српските медицински центри ги отворија вратите за македонските лекари. 50 специјалисти ќе заминат на дообука кај нашиот северен сосед.
Ќе учат како да работат на новите апарати, но и да применуваат нови методи во медицината. Покрај Институтот во Дедиње и Клиничкиот центар во Војводина, министерот за здравство во вчерашната посета на Србија, договорил дел од специјалистите да одат на обука и во реномираната ВМА во Белград.
Тодоров во изјава за Сител вели дека оваа бројка не е конечна. Годинава најмалку 250 специјалисти ќе се дообразуваат во странски центри и сето тоа бесплатно. Престојот ќе им биде од 1 до 9 месеци во зависност од специјалноста.
- На пример за фако метода ќе им биде потребно еден месец. Но за спинална хирургија е потребно најмалку 6 месеци, со тоа што потоа ќе дојдат нивни лекари овде уште две недели. Значи обуките се за методи кои се дефицитарни кај нас, вели Никола Тодоров министер за здравство.
По Бугарија и Србија Тодоров потврда за бесплатна обука на лекари добил и од германски клинички центри. Следна земја за преговарање е Словенија. А по завршување на обуките, реномирани странски лекари ќе доаѓаат во македонските болници и клиники.
- Значи работа на апаратите и нови методи се првите две фази од проектот. Третата која најверојатно ќе почне кон крајот на годината е доаѓање на лекари од стрнаство кои овде ќе ги обучуваат нашите лекари, вели Тодоров.
Тодоров веќе добил список од директорите на здравствените установи кои специјалности им фалат. Но за поголема транспарентност ќе објави и оглас во весник за пријавување на сите специјалисти кои сакаат да одат на дообразување во странство.

No comments:
Post a Comment