Tuesday, January 10, 2012

Крволочноста ја скратува со љубов

Крволочноста на животните ја скротува со љубов. На Марија Дојчиновска и се исполнил животниот сон – да биде опкружена со диви животни во буквална смисла на зборот. Работи во скопската зоолошка градина, а најдобар пријател и е волкот Гром.
На Марија Дојчиновска пред една година и се остварил сонот – да биде опкружена со животни. Минатата година таа се вработила во Зоолошката Градина во Скопје. Вели дека нејзината љубов кон животните е огромна и со задоволство тука поминува половина од денот. Ги сака сите, но нејзин миленик е волкот Гром. Почнала да се грижи за него уште кога го донеле како бебе, а сега има речиси една година. Нивната поврзаност е очигледна. Почувствува дека му се приближува уште по чекорите. 

Марија е храбра жена. Не со страв, туку со задоволство влезе во кафезот на Гром. Во него таа не гледа опасност, туку пријател. Кога ја гледаш од страна и и се воодушевуваш и и завидуваш. 

Најмалку половина час во денот таа поминува со својот миленик. Одвоен е од другите волци, а единствено Марија и уште една вработена во Зоолошката можат да му се приближат. После шестиот месец волкот станува опасен. Може да нападне, да убие. Ја прашав Марија дали некогаш помислува дека секое нејзино влегување во кафезот на крволочното животно, може да биде и последно. Како што тоа им се случило на многумина тренери и чувари на животни, кои за миг од пријатели станале храна на своите миленици. 

Откако ја видовме таа чудна љубов меѓу волкот и неговата пријателка и ние добивме желба на момент да му се приближиме на Гром. Ама само на секунда. 

Гром и натаму ќе остане изолиран од останатите 10 волци во Зоолошката градина. Марија не е сигурна дали би преживеал ако го префрлат во нивниот кафез. Глутницата може да го прифати, но може и да го убијат останатите волци. Засега ќе остане сам, но со него постојано ќе биде Марија. Таа е единствената на која и верува. 

No comments:

Post a Comment