Thursday, January 12, 2012

Четири години од хеликоптерската несреќа.



По повод навршувањето на четири години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на воздухопловниот ВИНГ на АРМ
денеска делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ, вВИНГ, како и  членовите на семејствата на загинатите ќе положат венци со цвеќе на спомен обележјата пред командата на вВИНГ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и на местото на несреќата кај Катлановско Блаце.

Како што соопшти Генералштабот на АРМ, на одбележувањето на четири години од хеликоптерската несреќа, покрај членовите на семејствата на загинатите припадници на вВИНГ, ќе присуствуваат и министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, припадници на Здружената оперативна команда и вВИНГ на АРМ и претставници од општината Петровец.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на денешен ден пред четири години полетаа со хеликоптерот околу 9 часот и 30 минути од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.
Во хеликоптерска несреќа кај Катланово животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Хеликоптерот „МИ 17“ со кој 11-те мировници тргнаа во последниот нивни лет, беше од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж - двајца пилоти и авиомеханичар. Може да превезува 32 патника или товар до четири тони. Може да има разновидна техничка опрема и да биде вооружен со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ - 17 и неговата постара верзија МИ-8  во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.
Од Јавното обвинителство на 20 декември 2011 година информираа дека нема да биде поведена кривична постапка за хеликоптерската несреќа, бидејќи не постои основано сомнение дека кое било службено или одговорно лице сторило кривично дело за кое се гони по службена должност.
Единствена причина за падот на армискиот хеликоптер, според државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, е необученоста на пилотите за управување во сложени временски услови. Ова било потврдено и во Извештајот подготвен од британскиот воздухопловен експерт Едвард Пули на барање на македонското Јавно обвинителство.

No comments:

Post a Comment