Sunday, January 29, 2012

Скандалозно:Кире Лазаров не е во најдобриот тим на ЕХФ!

Автор:Љупчо Илиев.
Најдобриот стрелец во историјата на европските првенства, Кире Лазаров, кој постигна 61 гол, не е избран во Олстар тимот на ЕП во Србија 2012. Ова само докажува каква криминална организација е ЕХФ. Наградите се делат под рака, да има за сите по нешто, никој да не се лути, а според „стручњаците“ во ЕХФ подобар на позицијата десен бек од Кире Лазаров е Хрватот Марко Копљар.
Објаснувањето за Марко Копљар е дека тој е играч висок 210 сантиметри, кој е опасност за секоја одбрана. Наспроти тоа, изгледа дека според ЕХФ, Кире Лазаров, не е опасност за противниците, а постигна 61 гол на ЕП во Србија и ги обедини рекордите за најдобар стрелец во историјата на европските и на светските првенства. Покрај тоа, Кире Лазаров реализираше и 30 асистенции на ЕП, што значи дека по неговите акции Македонија директно постигна вкупно 91 гол. Марко Копљар до мечот за третото место, кој почнува во 14.30 часот, има 21 постигнат гол и 13 асистенции. Навистина, споредбата е дури и понижување за нашиот Кире Лазаров. Ама, тоа е ЕХФ, треба да има награди за сите...!     
Србинот Момир Илиќ од репрезентацијата на домаќинот е прогласен за МВП (најкорисен играч) на Европското првенство во ракомет.
Кирил Лазаров е најдобар стрелец на шампионатот, нешто што тој сам го заслужи со постигнатите голови, а не требаше да добива гласови од ЕХФ.
За најдобар дефанзивен играч на ЕП е избран Виран Морос од Шпанија.

No comments:

Post a Comment